Во претпоследното деветто коло од африканските квалификации за Светското првенство 2026 во групата „Д“, продолжи трката меѓу селекциите на Зеленортските Острови и Камерун за првото место кое носи директен пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико.
Зеленортските Острови одиграа возбудливо реми 3-3 на гостувањето во Триполи против Либија, додека Камерун славеше со 2-0 на теренот на Маурициус. И покрај тоа што не стигнаа до триумф, Зеленортските Острови го задржаа врвот на табелата и влегуваат во последното коло со два бода повеќе од Камерун.
Во послеедното коло Зеленортските Острови ќе имаат, барем на хартија, полесен предизвик против последнопласираната селекција во групата, додека Камерун ќе ја пречека Ангола.
Островската држава досега никогаш не настапила на Мундијал, а според најновата ФИФА ранг-листа се наоѓа на 70. позиција.
Вредноста на тимот според „Трансфермаркт“, изнесува околу 29 милиони евра, а најскапи фудбалери се Кевин Ленини од Краснодар и Вагнер Пина од Трабзонспо, двајцата проценети на по пет милиони евра.