Милан влезе во победничка серија во Серија А, но Антонио Касано не е воодушевен од начинот на кој тимот игра на стартот од сезоната. Поранешниот голгетер уште еднаш беше директен во своите анализи и јасно стави до знаење дека не верува во проектот на „росонерите“. Тој сепак упати голема пофалба за Лука Модриќ, кој по доаѓањето од Реал Мадрид и на 40 години демонстрира врвни партии.
„Во Удине одиграа одлично, заслужено ја победија и Болоња, но тимот на Болоња беше катастрофален на тој меч. Можеби заслугите за тоа припаѓаат на Милан, но кажувам уште сега – тука се Наполи и Јувентус, а Алегри мора да покаже дека овие последни победи не се случајни. За мене тоа беше чиста случајност, Милан победуваше на среќа која не може да го следи секогаш. Модриќ е генијалец, не само што игра одлично, туку и ги прави сите околу себе уште подобри. Успесите на Милан се многу повеќе заслуга на Лука отколку на Алегри. Во клубот само мора да се надеваат дека Модриќ нема да се разболи или да се повреди, затоа што Алегри ќе се врати на единственото нешто што го знае – долга топка до Леао и да се надева дека нешто добро ќе се случи“, прокоментира Касано.
Следниот натпревар на Милан ќе му биде вистински предизвик и тест, а тоа ќе биде дерби со Наполи в недела.