Фудбалскиот клуб Напредок кој се натпреварува во Третата лига регион Запад зад себе веројатно ги има најтешките денови во историјата. Клубот кој некогаш беше гордоста на Кичево, стабилен прволигаш и секогаш незгоден домаќин падна доста ниско.
Сепак, се случи промена во раководството и новите предводници на Напредок се решени да ги сменат работите. Еден од главните проблеми беше „Градскиот стадион“ во Кичево кој со години делуваше како запуштена тррдина. Обраснат со многу трева на трибините, тревникот и сите околни објекти стадионот не исполнуваше услови за работа.
Сега новата управа направи акција, стадионот се чисти се има обид за враќање на стариот сјај. Тревата на трибините се коси, тревникот се подготвува, а и самата трибина добива нова боја.
Од Кичево на овие потези не гледаат само како обнова на стадионот, туку обнова на градската гордост. Се очекува Напредок да се врати во својот дом и да води беспоштедна битка за враќање во ВМФЛ.