Во понеделник на 22 септември ќе биде доделена Златната топка за изминатата сезона. Многу легенди и експерти веќе ги споделија своите мислења, а меѓу нив се и легендите Тиери Анри и Џејми Карагер.
Во студиото на „CBS“ за Лигата на шампионите Карагер истакна шест имиња како потенцијални добитници: Усман Дембеле, Килијан Мбапе, Мохамед Салах, Ламине Јамал, Рафиња и Ашраф Хакими. Според него, токму еден од овие фудбалери ќе ја освои наградата.
Тиери Анри, пак, беше многу поодлучен. „Дембеле, не морам ни да објаснувам зошто“, изјави Французинот, јасно ставајќи до знаење дека својот избор го гледа во сонародникот.
Зад Дембеле е блескава сезона. Во дресот на ПСЖ одигра 53 натпревари, постигна 35 гола и запиша 16 асистенции. Освои Лига на шампионите, како и двојна круна во Франција. Неговиот најсериозен ривал во трката за Златната топка се очекува да биде младиот Ламине Јамал.