Башкими е домаќин на Силекс во натпревар од шестотто коло на Првата македонска фудбалска лига. Во Куманово доаѓа еден од двата максимални тима во првенството.
Гостите имаат најефикасен напад со просек од три гола по натпревар, а досега примија само еден. Сепак, централниот бек Реџеп Мурати верува дека Башкими е подготвен да му донесе големи главоболки на актуелниот лидер во првенството.
„Работевме напорно на тренинзите и ќе го дадеме нашиот максимум на теренот. Го почитуваме противникот, Силекс, но нашата цел е победа. Се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и ќе ги направиме нашите навивачи среќни“, изјави Мурати.
Силекс за првпат ја вадеше топката од мрежата на мечот со Работнички, а сега се надева дека ќе остане недопрен на гостувањето во Куманово и на крајот ќе освои нови три бода. За Александар Васоски, тренерот на моменталниот лидер на табелата, ова ќе биде едно од потешките гостувања сезонава.
„Нè очекува тежок натпревар со добар противник. И покрај тоа што имаат два пораза по ред, можам да кажам дека станува збор за цврста екипа. Освен оној пораз од Струга ТЛ со 5:0, кога играа со играч помалку, на сите други натпревари се носеа добро. Дури и на моменти беа подобри од своите противници. Нема да го потцениме овој, како и ниту еден друг противник, и покрај нашиот одличен старт. Ќе се обидеме со нашата игра да дојдеме до нови три бода. Атмосферата во екипата е одлична и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и од ова тешко гостување ќе се вратиме со победа. На располагање ги имам сите фудбалери и верувам дека можеме да стигнеме до уште еден триумф“, изјави Васоски.
Натпреварот во Куманово меѓу Башкими и Силекс се игра во 15:30 часот, а освен него во Скопје ќе се судрат Македонија Ѓорче Петров и Брера.