Македонската репрезентација вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ од 18:00 часот ќе го одигра петтиот натпревар од квалификациите за Светското првенство, а против себе го има Лихтенштајн, селекција која важи за најголем аутсајдер во групата.
Лихтенштајн е единствената селекција во нашата група која нема бодови, а освен тоа на четири средби не постигна ниту еден гол и прими 14.
„Црвено-жолтите“ пак влегуваат во натпреварот со добри резултати, две победи и две нерешени средби. Македонија славеше против Казахстан и Лихтенштајн на гости, додека дома одигра нерешено со Велс и Белгија. Со освоени осум бода моментов се наоѓаме на втората позиција зад Велс (10), а зад нас се Белгија со седум и натпревар помалку.
Во првиот меѓусебен натпревар во овој циклус, одигран во Вадуц, Македонија рутински победи со 0-3, натпревар што беше решен уште во првото полувреме по кое водевме о 0-2. Стрелци на головите беа Трајковски, Муслиу и Миовски. Историјата исто така е на наша страна: во 12 меѓусебни дуели имаме 11 победи и едно реми , 1-1 во квалификациите за ЕП во 2002 годин. Исто така Токму против Лихтенштајн ја имаме и најубедливата победа во историјата, 11-1 на гости во 1995 година.
Сепак, селекторот Благоја Милевски на вчерашната прес-конференција истакна дека противникот не смее да се потцени.
„Сите играчи се здрави и подготвени. Имаме максимален респект за Лихтенштајн и воопшто нема да биде лесно. Додека сум селектор, никогаш нема да потценам ниту еден противник. Нашата цел е јасна, три бода кои се исклучително важни во моментов, Задоволен сум од изданието на фудбалерите кои дебитираа против Саудиска Арабија. Лука Станковски, Елмин Растодер и Решат Рамадани покажаа дека имаат квалитет и се разбира дека сметаме на нив и на натпреварите за бодови“, изјави Милевски.