Фудбалскиот клуб Преспа ќе го затвори кругот учесници во Втората македонска фудбалска лига. Ланскиот третолигаш беше поразен во баражот за ВМФЛ, а немаше среќа ниту во ждрепката кога се влечеа два од трите поразени во баражите.
Сепак, среќата Преспа ја дочека со откажувањето на Беса 1976, екипа која следната сезона нема да се натпреварува во сениорскиот фудбал. Поради тоа, клубот од Ресен беше повикан и прифати да настапува меѓу второлигашите, а сега ФФМ тоа и официјално го потврди.
„Имајќи в предвид дека ФК Беса 1976 повеќе нема да се натпреварува во сезоната 2025/26, ФФМ донесе одлука испразнетото место да го пополни ФК Преспа. На тој начин, се гарантира заштитата на интегритетот, континуитетот и натпреварувачката рамнотежа, како и доследното почитување на фер-плеј принципите во Втора МФЛ“, стои во соопштението.