Македонскиот репрезентативец, Никола Серафимов од вчера е нов фудбалер на Левски Софија, во своето прво обраќање до фановите на бугарскиот клуб ги кажа своите импресии.
Нашиот дефанзивец вели дека е задоволен од трансферот и среќен што ќе игра за клуб каков што е Левски.
„Многу сум среќен што сум дел од Левски. Атмосферата е одлична, пријатно сум изненаден од начинот на кој што ме прифатија и соиграчите и стручниот штаб“, вели Серафимов во првото интервју за медиа тимот на Левски.
„Не ми требаше многу за да донесам одлука да потпишам за Левски. Можеби само ден и половина разговарав со мојот агент пред да одлучам. Го следев во живо и мечот против Спартак Варна, иако се работеше за дуел од домашното првенство, атмосферата беше одлична“.
„Го гледав и натпреварот против Сабах, многу се радувам што Левски ќе игра во плејофот за пласман во Лигата на конференции“.
Поранешниот македонски фудбалер, Дарко Тасевски е дел од стручниот штаб на Левски.
„Дарко го знам уште од кога бев дете, тој тогаш играше за македонската репрезентација. Лично не го познавав до сега, но откако дојдов разговаравме, разменивме мислења. Што се однесува до моите квалитети, не сакам да зборувам за себе. Ќе го покажам тоа на теренот. Целта ми е секој ден да бидам подобар и како човек и како играч. Ќе го давам максимумот“, заврши Серафимов.