Екипата на Силекс ќе брка два гола негатива во реваншот против Дечиќ во рамките на првото претколо на Конференциската лига на УЕФА.
На прес-конференцијата пред натпреварот своите очекувања ги изнесе тренерот Александар Васоски. Тој смета дека Силекс има капацитет и би можел да се врати во двомечот.
„Имаме негативен резултат од првиот натпревар, ама мислам дека можеме да се обидеме да го исфрлиме Дечиќ. Имаме квалитетен тим, минатата сезона дававме по три-четири гола на натпревар, а зошто да не биде така и сега? Со фокуси и мотивација имаме шанси да го елиминираме овој ривал. Можеби на прв поглед делуваше лесен ривал од Црна Гора, ама Дечиќ е многу сериозен клуб. Сега пред нас се нови 90 минути, нема да брзаме. Треба да одиграме стратешки точно, да дадеме гол во првиот дел и потоа посилно да нападнеме. Ако ривалот се затвори, мечот ќе треба да го решаваат индивидуалци или прекини. Се надевам ќе го спроведеме планот, ама во фудбалот речиси никогаш еден плус еден не е два“, изјави Васоски.
Освен тренерот Васоски, на средбата со новинарите зборуваше и капитенот Дарко Ангелески.
„Одигравме тежок меч во Црна Гора. Цело полувреме бевме со играч помалку и добро е што резултатот остана таков. Ги анализиравме своите грешки, работевме напорно цела седмица и подготвени сме да го свртиме двомечот. Можеме да го елиминираме Дечиќ и да се пласираме во второто коло“, изјави Ангелески.
Силекс ќе биде домаќин на Дечиќ на теренот „Петар Милошевски“ при Фудбалската федерација на Македонија в четврток во 19:00 часот.