Медиумите од „островото“ пишуваат за можноста Маркус Рашфорд да го напушти Манчестер јунајтед за трансфер во Ливерпул, лутите ривали немаат направено ваква зделка повеќе од 60 години.
Ливерпул сака ова лето по втор пат да го собори трансфер рекордот во Премиерлигата и со 120+ милиони фунти да го ангажира Александер Исак.
Зделката воопшто не е лесна, па „црвените“ составиле листа со неколку други опции и на неа се имиња како Виктор Осимен од Наполи, Оли Воткинс од Астон Вила, Јоан Виса од Брентфорд и Уго Екитике од Ајнтрахт Франкфурт.
Дејли Мејл додава дека на овој список имало и едно изненадувачко име – Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед.
Весникот вели дека на Енфилд внимателно се следи ситуацијата на Англичанецот и се воделе интерни дискусии за негов ангажман, иако во моментов нема никаков прогрес на овој фронт.
Доколку се случи еден ваков трансфер, тоа ќе биде големо предавство, зделка помеѓу лутите ривали нема повеќе од 60 години.
Последниот играч кој од Манчестер јунајтед директно се преселил во Ливерпул е Фил Чиснал во далечната 1964.
Во 2007, Габриел Хајнце беше многу блиску до трансфер откако влезе во конфликт со Сер Алекс Фергусон, но на крајот Аргентинецот се реши за друга дестинација.
ФОТО: X/Liverpool FC