Холандскиот репрезентативец Тијани Реијндерс со оптимизам го дочека трансферот во Манчестер Сити, кој го официјализираше пред стартот на Светското клупско првенство.
Поранешниот играч на Милан пристигна на „Етихад“ за сума од 55 милиони евра плус уште десетина низ бонуси, а во изјава за „Скај Спорт“ откри дека Сити уште на крајот од сезоната стапил во контакт со неговото семејство.
„Тие го контактираа татко ми по завршувањето на сезоната. Им требаше играч на позиција осумка. За мене немаше дилема, Сити е еден од најголемите клубови во светот“, изјави Рејндерс.
Холанѓанецот призна дека Милан останува важен дел од неговата кариера, но вели дека спортскиот аспект ја одлучил неговата иднина.
„Милан ќе остане во моето срце. Имав две добри сезони таму и запознав одлични луѓе. Но, мора да гледате напред. Имам амбиции во кариерата и верувам дека во Сити ќе ги остварам побрзо. Тоа е многу важно – тој е најдобриот тренер во светот. Сакам да учам нови работи, нови стилови. Со нетрпение го очекувам тоа искуство. Сакам да ја носам топката, да учествувам во изградувањето на нападите и да бидам таа врска со офанзивниот дел. Тоа ќе се обидам да го донесам во Сити.“