Манчестер Сити попладнево соопшти дека Пеп Гвардиола го напушта клубот, Шпанецот вели дека нема некоја посебна причина, едноставно чувствувал дека е вистински момент за крај на авантурата во северот на Англија.
На почетокот од оваа недела пристигна бомба од „островото“, голем број на извори пренесоа дека Пеп Гвардиола го напушта Манчестер Сити и покрај тоа што има договор до јуни 2027 година.
„Граѓаните“ попладнево и официјално ја потврдија разделбата, а Пеп Гвардиола одби да открие која е вистинската причина.
„Не ме прашувајте за причините поради кои заминувам… Нема конкретни причини, но длабоко во себе знам дека ова е вистински момент за крај на мојата авантура тука. Ништо не е вечно, ако беше така, јас ќе останев засекогаш. Вечно ќе останат само чувствата, луѓето, спомените и љубовта што ја имам кон Манчестер Сити“ – порача Пеп Гвардиола.
Шпанецот го напушта Етихад по 10 години и 20 освоени трофеи, помеѓу кои шест во Премиерлигата и еден во Лигата на шампиони.
Под негово водство, Манчестер Сити испиша историја со освојување на тројната круна (Премиерлига ФА Куп и Лига на шампиони) во 2023 година.
Меѓу најголемите успеси се и домашната тројна круна во 2019 година, како и легендарната сезона во 2018 кога беа освоени рекордни 100 бодови.