ЛШ: Само еден Македонец подготвен за настап, Реал Мадрид нема право на кикс во Бергамо!

by Стефан
2 минути читање

Вечерва во Лигата на шампионите се играат натпревари од шестото коло, а во нив од можни четворица Македонци подготвен за настап е само еден.

Во текот на вчерашниот ден од редовите на Жирона потврдија дека Бојан Миовски нема да може да настапи во овој дуел против Ливерпул поради повреда на глуждот. Засега не е познато од каков карактер е повредата и колку Миовски ќе треба да паузира, но вечерва сигурно нема да биде во комбинација за настап.

Повреден е и Аријан Адеми кој веќе пропушти неколку натпревари на Динамо, па нема да биде подготвен и за денешната средба со Селтик во Загреб. Единствен од македонските интернационалци кој се очекува да настапи е Стефан Ристовски.

Елиф Елмас како што е познато од претходно е повреден и за него годината е завршена, па нема да може да му помогне на Лајпциг кој на свој терен игра против Астон Вила.

Од останатите натпревари интересен се очекува да биде натпреварот помеѓу Аталанта и Реал Мадрид во Бергамо. Аталанта игра во фантастична форма, доказ за тоа е и лидерската позиција на табелата во Италија каде што по 15 кола има 34 бода, два повеќе од Наполи. Анчелоти од друга страна се соочува со проблеми со повреди и најнов на таа листа е Ферлан Менди, додека од претходно во „аут“ се Милитао, Карвахал, Алаба и Камвинга.

Но, Реал со оглед на позицијата во ЛШ нема друга опција освен победа во овој дуел. „Кралевите“ се на 24. позиција со шест бода и тоа е последното место кое води во плеј-офот. Аталанта игра одлично и во Европа, па котира високо на петтото место со 11 освоени бодови и досега е без пораз во елитата.

Внимание привлекува и натпреварот на уште еден италијански тим. Интер кој исто така е одличен во ЛШ и се наоѓа на второто место со 13 бода без пораз гостува кај германскиот шампион Баер Леверкузен. Германците по пет кола се шести со 10 бода.

ЛШ 6. КОЛО
18:00 Динамо Загреб – Селтик
Жирона – Ливерпул
21:00 Аталанта – Реал Мадрид
Баер Леверкузен Интер
Брест – ПСВ
Клуб Бриж – Спортинг
Лајпциг – Астон Вила
Салзбург – ПСЖ
Шахтјор – Баерн Минхен

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани