Легендарниот француски фудбалер и поранешен тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, јавно призна дека селекторската функција во француската репрезентација е негов долгогодишен сон – и со нетрпение ја чека приликата да го оствари.
„Сметам дека имам легитимитет кога станува збор за Франција. Играв за оваа репрезентација 12, 13, 14 години… Секако дека ми е тоа сон. Едвај чекам!“, изјави Зидан на настан организиран од неговиот спонзор „Адидас“, а изјавата ја пренесе „Л’Екип“.
Актуелниот селектор на „триколорите“, Дидие Дешам, веќе најави дека нема намера да го продолжи договорот по завршувањето на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Зидан (52), фудбалска икона и човек кој остави длабока трага како играч и тренер, важи за главен кандидат да го наследи Дешам. Од крајот на својата втора етапа во Реал Мадрид во 2021 година, не прифатил ниту една нова функција – очекувајќи токму ваква можност.
Уште во 2022 година, во интервју за истото француско издание, порача: „Приказната со репрезентацијата не е завршена. Секако дека ја сакам таа улога. Се надевам дека еден ден ќе бидам селектор – сакам да го заокружам патот со ‘триколорите’.“