Интер пропушти голема шанса да го мине Наполи на табелата во Серија А откако одигра само 2-2 против Лацио, а Наполитанците загубија два бода кај Парма.
Италијанските медиуми јавуваат дека не било пријатно во соблекувалната на Интер по вчерашното реми против Лацио.
Соблекувалната била заклучена еден час, а во неа се расправале Инзаги, фудбалерите и членови на раководството.
Дополнително, никој од таборот на Интер не даде изјава за медиумите, клубот се одлучил за бојкот поради бесот кон одредени одлуки на судиите.
Во Интер не сакале со жешки глави да даваат изјави за медиумите, па било решено да ги бојкотираат.
На коло до крајот Наполи има еден бод повеќе од Интер, но се чини дека шансата беше загубена вчера бидејќи во последното коло тимот на Конте е домаќин на Каљари кој веќе обезбеди опстанок и нема за што да игра. Никој не ни помислува на нов кикс.
Интер во последното коло му гостува на Комо.