Барселона во минатото се расфрлаше со пари кога се во прашање платите на фудбалерите, но кризата од пандемијата со ковид-19 им направи голем минус и „каталонците“ влегоа во огромни проблеми.
Потпретседателот на Барселона, Едуард Ромеу минатата недела откри дека Барселона има сметка за плати од 560 милиони евра, односно многу повеќе од ривалите како Реал Мадрид (400 милиони евра) или Баерн Минхен (300 милиони евра).
Според пишувањата на СЕР, „каталонците“ ќе прават големи кратења и целта е оваа сезона сметката на плати да се намали за околу 160 милиони евра. Раководството е свесно дека задачата е прилично тешка, но ќе се прават сериозни напори до крајот на летото, ќе се преговара индивидуално со секој фудбалер и од некои ќе биде побарано да прифатат намалување и од 50%.
Како што пренесува АС, Жоан Лапорта ќе постави лимит на плати кој ќе биде наметнат на сите нови засилувања и играчите кои ќе ги обноват договорите и никој нема да може да има плата поголема од 10 милиони евра.
Роберт Левандовски, кој треба да биде звучното засилување на Барса ова лето, прифатил да има плата од 9 милиони евра по сезона.