Вечерва се одржа најавениот состанок меѓу Барселона и таткото на Меси на кој се разговараше за иднината на аргентинскиот фудбалер.
Според каталонскиот весник „Спорт“, состанокот меѓу Бартомеу и Хорхе Меси завршил без договор.
Состанокот се одржал во клупските простории на Барселона и траел околу час и половина.
Бартомеу се обидувал да ја убеди фамилијата на Меси дека треба да останат со Барселона, тој инсистира дека Лео ќе биде во центарот на новиот проект на Роналд Куман и му понудил нов двегодишен договор. Ставот на клубот е дека Меси има активен договор со откупна клаузула од 700 милиони евра.
Од друга страна, Хорхе Меси побарал неговиот син да си замине со контроверзната клаузула која го ослободува Лео од обврските кон Барселона.
Двете страни останале на своите ставови. На состанокот претставници на Барса биле Бартомеу и менаџерот Бордас, додека од другата страна биле таткото на Лео, Хорхе Меси, неговиот друг син Родриго и неговиот адвокат Хорхе Пекур.
Разговорите меѓу двете страни ќе продолжат и во наредните денови. Засега Меси нема да тренира под водство на Куман.