Екипата на Нови Пазар преку своите официјални канали соопшти дека македонскиот фудбалер Јован Манев, за среќа, не заработил потешка повреда.
Во последните недели Манев уживаше доверба од тренерот Гачиновиќ, но несреќно се повреди за време на куп-дуелот кој неговиот тим го доби. При еден доскок, дефанзивецот незгодно ја свитка ногата, а сцената изгледаше загрижувачки, што ја натера медицинската екипа веднаш да реагира.
Сепак, прегледите по направената магнетна резонанца донесоа олеснување и покажале дека лигаментите се неповредени, а Манев се здобил само полесна повреда на коленото. Очекувањата се дека ќе паузира околу четири до шест недели.
Иако избегната е потешка повреда, извесно е дека за Манев оваа календарска година е завршена. Неговото враќање на терените се очекува на почетокот од јануари.