Пелистер во првиот дел од сезоната која ја играше под водство на тренерот Влатко Костов, важеше за најдефанзивниот тим во лигата, новиот стратег на битолчани, Срѓан Захариевски сака да ја промени филозофијата на игра.
Пелистер ги завршува подготовките во Охрид и се враќа во Битола каде ќе ги одработи завршните припремни денови пред стартот на вториот дел од сезоната.
„Сакаме Пелистер да игра поофанзивен фудбал, да создаваме шанси, а ни останува да видиме како сето тоа ќе го вкомпонираме во една целина.Сакаме да работиме напорно во овој период, на тоа сме целосно посветени и во тој ритам ги работиме на подготовките. Најбитно за нас е она што ќе го подготвиме, да се примени на терен на офоцијални натпревари, а не на пријателски натпревари. Сите фудбалери имаат иста минутажа, но на крај ќе видиме кој ќе се избори за место во првиот тим“, рече Захариевски за клупскиот вебсајт.
Капитенот Мирко Ивановски е повреден и не настапи на ниту еден од четирите подготвителни натпревари кои Пелистер ги одигра во Охрид, но напаѓачот е исклучително мотивиран за продолжението на сезоната.
„Имаме одлични услови за работа, одличен хотел кој излегува во пресрет на сите наши барања. Подготовките се движат во одлична насока. Се надевам дека не само со мене туку и со останатите фудбалери сè ќе биде во ред и максимално подготвени ќе го дочекаме стартот на вториот дел.Резултатот е најмалку важен во моментов, а најважно е да нема повреди и да го работиме тоа што ни кажува тренерот. Пролетва не се плашиме од никого, одиме да се натпреваруваме, да победуваме, бидејќи ние сме Пелистер. Очекувам дека сезоната ќе заврши како посакуваме, ќе ја оствариме целта, а тоа е опстанок во Првата лига. Јас лично се надевам дека можеме и чекор понапред. Но, да не се залетуваме, прво да ја оствариме целта, а потоа ќе видиме“, рече Ивановски.