Кајл Вокер е во Милано и се очекува да стави потпис на договор со Милан, каде што оди на позајмица со право на откуп од Манчестер Сити.
Англискиот репрезентативец доаѓа како засилување за десната бековска позиција и тоа во идеален момент. Во победата на „росонерите“ над Жирона повреда заработи Емерсон Ројал кој сезонава беше стартер на таа позиција. По прегледите се утврди дека Бразилецот ќе паузира осум седмици, па Вокер „влета“ во вистински момент.
Ова е поголем проблем за управата на Милан бидејќи сакаше веднаш да го продаде Емерсон за да направи приход. Сериозно заинтересиран беше Галатасарај, ама сега многу веројатно ќе пропадне трансферот по повредата и најавената пауза.
„Росонерите“ се обидуваат да продадат за да створат капитал во обидот да доведат засилување во нападот.