Прилеп доби нов фудбалски клуб со големи амбиции. Здружението „Градски фудбалски клуб Победа Прилеп“ го основаше ГФК Победа, кој во новата сезона ќе се натпреварува во Третата македонска фудбалска лига.
Здружението го предводи Робертино Илиоски како претседател, а во основачкиот тим се и Игор Стеванов, Роберт Талески, Валентин Колевски и Иванчо Младеноски.
На клупата ќе биде поранешниот фудбалер на Победа, Филип Мирчески, додека за создавањето на младинскиот погон и регрутацијата на таленти ќе се грижи уште еден поранешен играч на прилепскиот клуб, Тони Наумоски.
Новиот клуб во почетниот период ќе се финансира преку донации и спонзорства, со надеж дека во иднина ќе добие поддршка и од Општина Прилеп.
Од ГФК Победа нагласуваат дека правно се целосно одвоени од ФК Победа и дека не го преземаат ниту минатото, ниту долговите на поранешниот клуб..
Домашните натпревари ГФК Победа ќе ги игра на прилепскиот градски стадион „Гоце Делчев“.