Се чини дека сагата околу продолжувањето на соработката меѓу Душан Влаховиќ и Јувентус конечно добива разврска. Според информациите на италијанските медиуми, српскиот напаѓач повеќе не сака да остане во Торино и е решен летово да ја напушти „старата дама“.
Извршниот директор на Јувентус, Дамиен Комоли, признал дека клубот поради неуспехот да обезбеди пласман во Лигата на шампионите ќе мора да направи повеќе продажби од планираното, а токму Влаховиќ е меѓу првите имиња на листата за заминување.
Преговорите со Влаховиќ и неговиот татко Милош во февруари и март се движеле во позитивна насока, а двете страни наводно биле блиску до договор според кој напаѓачот би прифатил значително намалување на платата. Сепак, со текот на времето разговорите целосно заладиле.
Според „Газета дело Спорт“, проблемот не бил во парите, туку во незадоволството на Влаховиќ од ситуацијата во клубот. Српскиот репрезентативец смета дека повеќе не може да напредува во Јувентус, не е задоволен од улогата што ја има во тимот, ниту од слабите резултати на клубот.
Дополнителен удар за него било и тоа што Јувентус следната сезона нема да игра во Лигата на шампионите. Поради ваквиот развој на настаните, Влаховиќ сериозно ги разгледува понудите од Челси, Барселона и Баерн Минхен, кои веќе ги има на маса.