Црвено-црните рутински го совладаа веќе испаднатиот тим на Шкупи кој денеска му беше домаќин на Вардар во тренинг центарот на ФФМ, момците на Гоце Седлоски победија со 7-0.
Натпреварот се одвиваше според очекувањата, Вардар доминираше на теренот, а младиот тим на Шкупи се бореше колку што имаше сила.
Резултатот го отвори Закариќ со погодок со глава. ВАР подолго проверуваше дали погодокот е регуларен бидејќи беше на работ на офсајд, на крајот беше покажано на центарот. Вардар поведе со 1-0.
Во финишот од првото полувреме беа постигнати уште два гола. Најпрво Бабунски со удар од далечина постигна гол за водство од 2-0, а потоа Рустеми си ја затресе сопствената мрежа за 3-0.
Серијата погодоци Вардар ја продолжи во вториот дел. Димитар Тодоровски зголеми на 4-0, а потоа гол даде и Цветковиќ за 5-0.
Спахиу зголеми на 6-0, а конечните 7-0 ги постави Азер Омерагиќ во судиското продолжение со прекрасен гол од далечина.
Вардар пак се качи на првата позиција која беше окупирана на еден ден од Шкендија по нивната лесна победа над Тиквеш вчера во ова коло.