Денеска се играат две дерби пресметки од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), денот го започнуваат Вардар и Силекс од 17 часот, а два часа подоцна ќе почне дуелот меѓу Шкендија и Струга.
Шампионот имаше лош старт на сезона, по три одиграни кола има исто толку бодови. Вардар врза два порази по ред, загуби од Шкендија и Струга, а сега повторно го чека дерби.
На „Градски“ во Скопје доаѓа незгодниот Силекс кој важи за стабилен тим со највисоки цели и против Вардар сигурно ќе го сака и целиот плен, не само да остане непоразен.
Црвено-црните со победа ќе може да го намалат притисокот кој го чувствуваат од јавноста и да ја свртат ситуацијата во своја полза, но доколку загубат, ќе ја продлабочат кризата.
Вардар се уште е без тренер по заминувањето на Кристијан Фабијани, тимот го водат помошниците, тоа може да биде една од предностите за Александар Васоски и неговиот стручен штаб.
Во тренинг центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ се игра второто денешно дерби, Шкендија против Струга.
Тетовскиот тим е лидер по првите три кола со максимални девет бодови, а Струга денеска треба да им биде сериозен предизвик.
Стружани имаат два бода помалку и доколку успеат да го добијат денешниот дуел ќе ја прескокнат Шкендија на табелата.
Двата натпревари ќе може да ги следите во директен пренос на Арена Спорт Македонија.