Европската фудбалска федерација (УЕФА) ја казни Шкендија поради несоодветно однесување на нејзините навивачи за време на првиот домашен натпревар во Конференциската лига против ирскиот Шелбурн.
Причината за санкцијата се неспортски транспаренти истакнати на трибинатаа на „Балистите“, поради што тетовскиот клуб ќе треба да плати парична казна во висина од 20.000 евра. Покрај тоа, Шкендија доби и условна казна со затворање на дел од трибините на еден натпревар, која ќе стапи на сила доколку во следните две години клубот направи сличен прекршок.
Од редовите на актуелниот македонски шампион велат дека целосно ги почитуваат одлуките на УЕФА.
„Клубот ќе продолжи да соработува со навивачите и институциите за да обезбеди безбедна и позитивна атмосфера на секој натпревар, како на домашен терен така и на меѓународната сцена, и затоа бараме и од навивачите да бидат коректни и да ги почитуваат правилата и прописите на натпреварувањата“, порачаа од Шкендија.
По две кола во Конференциската лига, тетовци имаат пораз на гостувањето кај Рајо Ваљекано и победа против Шелбурн, а на 6 ноември ќе ја пречекаат полската Јагелонија во третото коло од натпреварувањето.