Меморијалниот центар Сребреница се обрати до УЕФА по случувањата на трибините за време на белградското дерби меѓу Црвена звезда и Партизан.
Во текот на вчерашниот ден тие испратиле официјална жалба против Црвена звезда поради транспарентот на трибините на кој се наоѓаше фотографија од Ратко Младиќ.
Како што тврдат од Меморијалниот центар, од Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) не добиле одговор на жалбата, а сметаат и дека не следувала соодветна дисциплинска реакција. Поради тоа, одлучиле случајот да го подигнат на европско ниво. Предметот бил испратен и до адресите на водечките луѓе во европскиот фудбал.
„Меморијалниот центар, покрај жалбата до ФСС, го испрати предметот и на знаење до Александер Чеферин, Теодор Теодоридис, генералниот секретар на УЕФА, Мартин Кален, извршниот директор на УЕФА, како и Пјара Повар, извршниот директор на мрежата ФАРЕ, долгогодишен партнер на УЕФА за следење и пријавување дискриминација во фудбалот“, порачаа од Центарот.
Особено се надеваат на реакција од мрежата ФАРЕ (Football Against Racism in Europe), која со години соработува со УЕФА во следењето на дискриминацијата и расизмот на фудбалските стадиони.
Од Меморијалниот центар тврдат дека добиле уверувања оти ФАРЕ ќе препорача суспензија на Фудбалскиот сојуз на Србија од натпреварувањата на УЕФА, иако во овој момент изгледа дека такво нешто тешко може да се случи.