Лука Модриќ не ја заврши сезоната онака како што очекуваше со Милан, а по поразот од Каљари во последното коло, „росонерите“ останаа без место во Лигата на шампионите. Според италијанските медиуми, токму тоа може да значи и крај на неговата епизода во клубот.
Претходно се пишуваше дека продолжувањето на договорот е речиси завршена работа, меѓутоа ситуацијата се променила со отказот за Алегри и неговите соработници.
Покрај спортскиот удар, во клубот следеа и големи промени во раководната структура, па заминувањата на неколку клучни луѓе дополнително ја зголемиле неизвесноста околу иднината.
Извори блиски до фудбалерот за италијанските медиуми наведуваат дека Модриќ е разочаран од расплетот на сезоната, падот на формата на тимот, реакциите на навивачите и генералната нестабилност во клубот.
Иако не се смета за виновник за резултатите, наводно веќе им ставил до знаење на челниците дека сака да ја затвори својата приказна во Милано.
Кога станува збор за следната дестинација, италијански „Тутомеркато“ пренесува дека најреална опција во моментов е враќање во Реал Мадрид, додека интерес постои и од клубови од Саудиска Арабија и САД, но тие засега не се приоритет за хрватскиот ветеран.
Конечната одлука, според најавите, Модриќ ќе ја донесе по краток одмор пред почетокот на Мундијалот на 11 јуни.