Главниот град на Албанија е ставен во состојба на највисока готовност пред високонапонскиот натпревар меѓу Албанија и Србија, кој се игра во сабота од 20:45 часот во рамки на квалификациите за Светското првенство 2026.
Властите во Тирана презедоа досега невидени безбедносни мерки, при што српската фудбалска репрезентација ќе биде под 24-часовен надзор од нивното пристигнување па сè до заминувањето од земјата. Според локалните медиуми, ниту еден момент фудбалерите на Србија нема да бидат оставени без обезбедување.
Безбедносните служби мобилизираа дури 1.500 припадници на полицијата, вклучувајќи ја елитната единица РЕНЕА и антитерористичката агенција ШИШ. Целосно ќе бидат затворени сите сообраќајници кои водат до стадионот „Ер Албанија“, а локалните жители ќе имаат забрана да се појавуваат на прозорци и тераси со поглед кон објектот. Исто така, сите околни бизниси ќе бидат затворени на денот на натпреварот.
Дополнително, за да се избегне повторување на инцидентот од Белград во 2014 година, кога дрон со албанско знаме го прекина натпреварот, домаќините инсталирале специјален анти-дрон систем. На стадионот ќе има и камери за препознавање лица, а секој билет е персонализиран и ќе мора да биде потврден со лична карта при влез.