Aргентинскиот ветеран, Карлос Тевез кој пред три години ја заврши кариерата сега најави проштален натпревар кој планира да биде вистински спектакл.
Тевез сака да собере многу легенди на едно место меѓу кои и Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Медиумите шпекулираат и дека двајцата би можеле да играат во ист тим.
„Лионел Меси и Кристијано Роналдо лично ќе ги доведам, ги имам нивните броеви на Ватсап“, објави Тевез кој со Роналдо ја делеше соблекувалната во Манчестер јунајтед, додека со Меси беше соиграч во репрезентацијата.
Покрај нив двајца Тевез најави кои други големи имиња би присуствувале.
„Ван Дер Сар ќе биде на едниот гол, Буфон на другиот. Во одбраната ќе бидат: Фердинан, Видиќ, Киелини, Бонучи…мојот брат Евра исто така мора да е тука. Кога во прашање е средниот ред очекувам да се појават: Пирло, Сколс, Рикелме, Руни во нападот исто така…потребно ќе биде само да најдам термин кој ќе одговара за сите“, најави Тевез.