Фудбалерот на
Кристал Палас, Андрос Таунсенд смета дека младата ѕвезда на Манчестер јунајтед,
Мејсон Гринвуд треба да посети спортски психолог кој би му помогнал да ги
надмине проблемите со кои се соочува изминатиов период.
И покрај
импресивните изданија во дресот на Манчестер јунајтед ланската сезона, Гринвуд
се здоби со големи критики поради своето однесување вон терените, а се верува
дека во клубот се загрижени поради начинот на живеење на 19 годишниот фудбалер,
особено е дискутабилна темата околу тоа колку тој спие и е одморен за да остане
во добра кондиција за да игра на високо ниво.
„Овие работи
започнуваат најпрво од самиот фудбалер, јас претпоставувам низ што минува
Гринвуд, особено читајќи ги вестите за него низ медиумите“ вели Таунсенд.
„Тоа е навистина
тешко, а потребни му се фудбалерите околу него како Хери Мегваер, искусни
фудбалери кои веќе поминале низ сето тоа, да има на кого да се потпре, потребен
му е воедно и неговиот тренер да застане зад него, а знам дека Солшер веројатно
ќе го стори тоа“ додава фудбалерот на Кристал Палас.
„Потребно му е
семејство и добри пријатели околу него, а другото кое исто така е важно е
секако да посети спортски психолог, некој кој веќе разговарал со други
фудбалери на слична позиција, а воедно и некој кој добро знае што се случува
вон терените за да му помогне да помине низ сето тоа“ смета Таунсенд кој
заклучи дека Гринвуд има голем потенцијал пред себе.
Од Манчестер
јунајтед ги отфрлија шпекулациите низ медиумите дека Гринвуд бил инволвиран во
инцидент со својот соиграч Бруно Фернандеш за време на еден тренинг, откако
наводно не успеал да прати добро проигрување од Португалецот.
Особено
контроверзно беше однесувањето на Гринвуд за време на гостувањето на Англија
кај Исланд, откако заедно со фудбалерот на Манчестер Сити, Фил Фоден го
прекршија протоколот за заштита од ковид-19 и поканија девојки во нивната
хотелска соба, иако тоа беше строго забрането, а од клубот јавно наведоа дека
се разочарани од таквиот потег на фудбалерот.