Трансфер-сагата околу голманот на Парма, Зајон Сузуки, доби неочекуван пресврт. Иако со недели се најавуваше негово заминување во Пари Сен Жермен, договорот пропадна во последен момент.
ПСЖ беше подготвен да плати околу 35 милиони евра за 23-годишниот голман, но не успеа да го реализира трансферот. Од целата ситуација на крајот најмногу профитираше Астон Вила, која експресно постигна договор со Парма и Сузуки веќе е на пат кон Англија.
Според италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцио, голманот во следните часови треба да ги помине медицинските прегледи, по што ќе стави потпис на договорот со англискиот клуб. Вкупната вредност на трансферот, со вклучени бонуси, би требало да биде околу 35 милиони евра.
Пропаднатиот трансфер на Сузуки во ПСЖ, пак, отвора нова можност за Јувентус. Торинскиот гигант уште од почетокот на летото го разгледуваше Емилијано Мартинез како опција за голманската позиција.
Доколку Сузуки пристигне во Астон Вила, аргентинскиот репрезентативец би можел да добие зелено светло за заминување. Тоа би му ја олеснило работата на Јувентус во обидот да го доведе Мартинез во Торино.
Според досегашните информации, трансферот би можел да биде реализиран за сума од околу 10 милиони евра.