Фудбалските судии во Италија наскоро ќе добијат статус еднаков со оној на службените лица, како што се полицајците ова е клучниот дел од новиот амандман што италијанската влада се подготвува да го усвои во обид да стави крај на се’ почестите инциденти и насилства на стадионите.
Со новите измени, секој физички напад врз судија, дури и туркање, ќе се третира како кривично дело, со можност за затворска казна. Иницијативата доби поддршка од Министерството за спорт и италијанската фудбалска федерација, кои веќе подолг период алармираат за сериозен раст на агресијата насочена кон судиите во сите лиги, вклучително и Серија А.
Ситуацијата стана толку сериозна, што во декември минатата година, судиите на протест излегоа со црна боја на образите симболично, за да ја истакнат сериозноста на проблемот и да го привлечат вниманието на јавноста. Министерот за спорт, Андреа Абоди, изминатиот петок поднесе официјален декрет со кој бара поостри казни за насилство врз судиите, вклучително и затвор дури и за „најмала физичка агресија“.
„Спортот е вредност, лојалност и заедништво. Оние што тоа не го почитуваат се предупредени – од утре, секој напад врз судија ќе биде директно казнет, вклучително и со затвор“, изјави сенаторот Андреа Остелари, државен секретар во Министерството за правда.
Новите мерки треба наскоро да стапат на сила, со надеж дека ќе стават крај на неприфатливите сцени на терените низ Италија.