Што се случува со Џејми Варди?

by
2 минути читање

Варди исто како и Лестер не се ниту бледа сенка на минатата сезона во која направија вистинска сензација освојувајќи ја Премиерлигата со што станаа светски хит.

Приказната на Џејми Варди беше посебна, напаѓачот од најниските лиги во Англија успеа да стигне до Премиерлигата, да стане фудбалерот кој имал најдолга серија на голови по ред во историјата на лигата и да ја освои шампионската круна со Лестер.

Рекордот падна кога Лестер играше дома против Манчестер јунајтед, дуел кој ќе се игра во недела, па сега е вистинско време да се запрашаме каде е Варди оваа сезона?

Напаѓачот почна добро, постигна два погодоци на првите четири натпревари, но потоа поминаа десет кола без тој да постигне погодок. Се врати со хет-трик против Манчестер Сити потсетувајќи дека се уште е тука, но потоа пак го снема.

Формата на Варди е рефлекција и на формата на Лестер кој оваа сезона има само пет победи во Премиерлигата, ги загуби последните три натпревари без постигнат гол и е само на два бода над зоната за испаѓање.

„Не очекувате од Варди да постигнува гол на секој меч, но тој страда бидејќи Лестер не е истиот од минатата сезона. Проблемот повеќе е во Лестер отколку во Варди. Доколку сте централен напаѓач кој не си креира сам шанси, тогаш кога на тимот не му оди, страдате и вие“ – смета Мат Ле Тисие, стручниот аналитичар на Скај Спортс.

Во летниот преоден рок Џејми Варди одби понуда од Арсенал, ќе беше ли неговата сезона поинаква доколку заминеше од Лестер? Можеби. 

Но, како и да е, Лестер и Варди имаат уште неколку месеци да потсетат на минатата сезона. Го живеат својот сон во Лигата на шампионите и таму добро им оди, но мораат многу подобро во Премиерлигата ако сакаат и следната сезона да бидат дел од големото друштво.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани