Што е следно за Кристијано Роналдо?

by
3 минути читање

Кристијано Роналдо предизвика вистинска бура со интервјуто кое го даде за Пирс Морган. Треба да потенцираме дека ова што досега излезе се само извадоци од интервјуто. Тоа трае 90 минути и ќе се емитува во два дела, првиот дел во среда, вториот во четврток, голема е веројатноста дека ќе излезат уште шокантни изјави на Португалецот.

Роналдо комплетно се отвори, можеби ја кажа вистината, но неговите зборови се навредливи за раководството на Манчестер јунајтед и за Ерик Тен Хаг. Информациите велат дека тие биле шокирани од интервјуто на нивниот фудбалер и не го прифатиле добро.

Но, што е следно за Кристијано Роналдо? Тој сега се фокусира на репрезентацијата на Португалија и настапот на Светското првенство во Катар, а во меѓувреме неговиот агент Жорж Мендеш ќе бара решение за неговата иднина.

Едно е сигурно, по ова интервју, Кристијано Роналдо веќе нема да заигра за Манчестер јунајтед, веројатно уште во јануари ќе има нов клуб.

Роналдо го знае тоа, самиот тој во интервјуто рече дека на Манчестер јунајтед му се потребни големи промени и тој нема против тие да почнат од него.

Во летниот преоден рок Роналдо одби мега понуда од источните земји, Португалецот сака да остане во Европа и уште да игра на највисоко ниво, но кој би можел да биде следниот негов клуб.

Од англиските клубови се поврзуваше само со Челси, наводно тој е желба на новиот сопственик на сините, а реално и на тимот му фали напаѓач кој би играл на позицијата деветка.

Во Серија А се поврзуваше со Наполи, но на тимот на Спалети му оди фантастично оваа сезона, па не се верува дека ќе сакаат да го донесат Роналдо кога го имаат Осимен кој е најдобар стрелец во Серија А во моментов.

Опција може да биде Рома, Роналдо и Мурињо имаат ист агент, Абрахам игра во лоша форма, па нема да биде чудно ако се случи трансфер во римската волчица. Но во таков случај, Кристијано ќе мора да прифати големо намалување на платата, бидејќи тие нема да му ги понудат примањата кои тој ги има во Манчестер јунајтед.

Често се шпекулира и за негово враќање во Спортинг Лисабон, сигурно и португалскиот клуб ќе биде додаден во гласините кои ќе претстојат во наредниот период.

Како и да е, во текот на оваа недела Кристијано Роналдо ќе биде главната тема на фудбалската јавност која потоа ќе се фокусира на Светското првенство, а по завршувањето на Мундијалот веројатно Португалецот пак ќе биде ставен во центарот на вниманието поради неговиот евентуален трансфер.

Обложувај се онлајн на Моцарт, 100% бонус на прва уплата до 400 евра, регистрирај се на овој ЛИНК.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани