Четириесетгодишниот голман на Зеленортските Острови, Возиња, со фантастичните одбрани успеа да направи вистинско чудо против моќната Шпанија (0-0), а неговата животна приказна и моментот на ненадејна светска слава привлекоа огромно внимание. По мечот, неговиот профил на Инстаграм доби милиони нови следбеници.
Додека неговите соиграчи ја славеа големата спортска сензација, Возиња по завршувањето на натпреварот на стадионот во Атланта падна на колена и не можеше да ги задржи солзите.
Но, неговиот плач не беше само резултат на емоциите и адреналинот од големиот резултат. Зад тие солзи стоеше длабока лична болка и семејна приказна која откри со какви финансиски и административни проблеми се соочуваат луѓето од помалите држави. Причината била строгата визна политика на Американците.
Имено, властите на САД на почетокот на годината го ставија Зеленортските Острови на списокот на земји чии граѓани, покрај стандардните трошоци за виза, мораат да уплатат и повратен депозит до 15.000 долари пред патувањето. За семејството на голманот, овој износ бил преголема пречка во краток рок, па неговата мајка не успеала навреме да ја заврши процедурата и да биде дел од најголемиот момент во кариерата на својот син.
„Плачев бидејќи пораснав со баба ми и дедо ми, а тие за жал веќе не се со нас. Починаа пред неколку години. Тие беа целиот мој живот. Плачев и затоа што мајка ми не успеа да дојде поради визата. Поради парите што требаше да ги платиме како депозит, не успеавме навреме да завршиме сè. Сакав да биде тука, но без оглед на тоа сум многу среќен“, изјави емотивниот голман.
Каква е популарноста на Возиња во овој момент доволно зборуваат неговите бројки на Инстаграм каде што пред почетокот на натпреварот имаше 56.000 следбеници, а сега таа бројка е над шест милиони.
🇨🇻😢 Cape Verde goalkeeper Vozinha: "I cried after the game because I grew up with my grandparents when I was a kid, and they could not be there. They passed away a few years ago. My mum could not be here either for a VISA issue, and the money we had to pay for it. We did not… pic.twitter.com/vbMGHPCQez
— EuroFoot (@eurofootcom) June 15, 2026