Спалети полн со самодоверба: Ако не верував во овој тим, немаше да сум тука!

by Стефан
1 минути читање

Новиот предводник на Јувентус, искусниот Лучано Спалети, на своето официјално претставување порача дека верува во можностите на „старата дама“ и дека клубот повторно може да се вклучи во битката за Скудетото.

Италијанскиот стратег, кој потпиша договор до крајот на сезоната, не ја крие својата амбиција, Јувентус да се бори за титулата шампион на Италија. Во моментов, торинскиот гигант е седмопласиран во Серија А со шест бодови помалку од водечките Рома и Наполи.

„Се надевам дека оваа екипа сè уште може да се вмеша во трката за Скудетото. Играчите ги потсетив дека мораме да целиме највисоко. Од девет одиграни натпревари, остануваат уште 29 што значи има доволно време за промена“, изјави Спалети.

Тој додаде дека не би го презел тимот доколку не бил уверен во неговиот потенцијал:

„Да не верував во овој состав и во неговиот потенцијал, немаше да потпишам осуммесечен договор. Успехот зависи од посветеноста, волјата и дисциплината“, нагласи Спалети, потсетувајќи на своите претходни успеси — два куп-пехари со Рома и шампионска круна со Наполи во 2023 година.

Во Јувентус, Спалети пристигнува на местото на Хрватот, Игор Тудор.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×