Убедливиот домашен пораз на Јувентус од Лацио (0-3) остави длабоки последици во торинскиот гигант, а разочарувањето веднаш се прелеа во јавна расправија меѓу играчите и стручниот штаб.
Капитенот на тимот, Желсон Бремер, отворено го доведе во прашање менталитетот на одредени соиграчи, на што тренерот Лучано Спалети реагираше со порака дека никој, вклучувајќи го и самиот Бремер, нема право да ја префрла одговорноста од себе.
Бразилскиот стопер во разговор за „Скај Спорт“ беше невообичаено директен, нагласувајќи дека стручниот штаб ја поставува тактиката, но дека вистинската одговорност за она што се случува на теренот е исклучиво на фудбалерите.
„Недозволиво е да се очекува товарот од ваквите натпревари да го носат само неколку поединци. Во тимот постои очигледна разлика во менталната сила и ми се чини дека одредени играчи потклекнуваат под притисокот и свирежите од трибините“, изјави Бремер.
Споредувајќи го сегашниот состав со претходните генерации на торинскиот клуб, тој призна дека на тимот му недостасуваат авторитет и личности со карактер. На директното прашање дали некои играчи се кријат на теренот кога резултатот станува неповолен, Бразилецот без двоумење го потврди таквиот впечаток, додавајќи дека тоа особено се забележува кај новодојдените фудбалери.
Реакцијата на Лучано Спалети пристигна многу брзо. Шефот на стручниот штаб на Јувентус јасно стави до знаење дека критиките не смеат да служат како алиби за личните пропусти, нагласувајќи дека и самиот Бремер бил директен учесник во тешкиот пораз.
„Анализата секогаш мора да започне од сопствените грешки, а најлесно е вината да се префрли на друг. Го ценам тоа што Бремер ја презема улогата на лидер, но на натпревар на кој бевме целосно надиграни, никој не одигра така што би имал право да вперува прст во останатите членови на тимот“, изјави Спалети.