Тибо Куртоа и Реал Мадрид се договориле за продолжување на соработката до 2028 година, откако агентите на белгискиот голман и раководството на шпанскиот гигант ги усогласиле ставовите околу новиот договор.
Досегашниот договор го обврзуваше Куртоа да остане на „Сантијаго Бернабеу“ до 2027 година, но во Реал се решени да ја продолжат соработката со еден од најважните играчи во тимот.
Белгиецот пристигна во Мадрид во 2018 година и оттогаш забележа повеќе од 300 настапи во дресот на „кралскиот клуб“. Неговите одбрани и сигурните партии оставија силен впечаток кај челниците на Реал, кои и понатаму го сметаат за еден од најдобрите, ако не и најдобриот голман во светот.
Пред да се пресели во шпанската престолнина, Куртоа бранеше за Генк, Атлетико Мадрид и Челси, а токму од лондонскиот клуб направи трансфер во Реал.
На репрезентативен план, најголемиот успех на 34-годишниот голман со Белгија е освоеното трето место на Светското првенство во Русија во 2018 година.