„Нероаѕурите“
денеска на големо изненадување соопштија дека Мауро Икарди повеќе не е капитен,
и траката во иднина ќе стои на раката на Самир Хандановиќ.
Потоа беше
обелоденет составот за гостувањето кај Рапид во Лига Европа, името на
Аргентинецот не се најде па почнаа да кружат многу шпекулации.
Лучано Спалети
вечерва на прес разјасни дел од работите, но за повеќе информации околу
ситуацијата на Мауро Икарди ќе треба да се почекаат неколку дена, кога некој од
директорите на клубот ќе се огласи.
„Одлуката беше
тешка и болна, знаеме колку вреди нашиот поранешен капитен. Сепак, сите лидери
застанаа зад одлуката и ја донесоа за доброто на Интер и тимот. Во следните
денови се ќе биде разјаснето од страна на директорите. Јас само ова можам да го
кажам“ – порача тренерот на Интер.
„Зошто не е со
нас во Виена? Одлучи да не дојде. Официјално доби повик, но беше разочаран
поради тоа што остана без капитенската лента и реши дека не сака да игра. Но и
нам ни беше тешко да ја донесеме оваа одлука и да му ја соопштиме на него“.
Се претпоставува дека лидерите на Интер се разочарани од однесувањето на
сопругата на Мауро Икарди, Ванда Нара, која исто така се грижи и за неговата
кариера. Таа изминатиов период беше прилично активна и често даваше изјави низ
медиумите за иднината на голгетерот.