Совети од Мурињо како да се биде успешен

by
1 минути читање

Португалскиот тренер во својата прва сезона како тренер на Рома им донесе европски трофеј освојувајќи ја Конференциската лига. Па од Форбс го прашаа што се крие зад неговиот успех во тренерската кариера.

„Се обидувам да не чувствувам премногу притисок во мојата работа. Мислам дека имам здрав однос со стресот. Не е добро ако воопшто немате стрес, исто како што не е добро ако имате премногу. Па најважно е да имате добар баланс“, вели Мурињо.

„Мислам дека клучот за успехот е никогаш да не бидете задоволни од она што го имате. Кога ќе освоите нешто, да сакате повеќе“.

„Кога ќе дадете гол, да сакате да постигнете повеќе голови. Било што да правите, да сакате уште повеќе. Никогаш не е доволно. И ова чувство нема никаква врска со годините, тоа е поврзано со личноста“.

„Најважната работа е луѓето да ве следат. А за да ве следат, треба да веруваат во вас. Тие го прават тоа ако имаат емпатија кон вас. Во мојот случај, како лидер, мојата одговорност е да не ги разочарам луѓето или мојот тим“.

Мурињо е еден од најтрофејните тренери во историјата на фудбалот. Двапати ја освои Лигата на шампионите, еднаш со Порто, вториот пат со Интер. Со Порто го освои и Купот на УЕФА, подоцна натпреварувањето се преименува во Лига Европа во која триумфираше со Манчестер јунајтед.

Португалецот трипати ја освојуваше Премиерлигата со Челси, двапати Серија А со Интер, триумфираше во Ла Лига со Реал Мадрид, го освојуваше португалското првенство со Порто. Има и повеќе трофеи во домашните купови во земјите во кои работеше.

Последниот успех му е триумфот во Конференциската лига со Рома. Единствен клуб во кој нема освоено трофеј е Тотнем кој реши да му даде отказ на неколку дена пред финалето од Лига Купот во Англија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×