Слот ги надмина сите очекувања, Ливерпул ќе го награди

by Стефан
1 минути читање

Фудбалерите на Ливерпул ја освоија титулата во англиската Премиер лига и на тој начин ја надминаа секоја претпоставка и очекувања на фудбалската јавност, медиумите и аналитичарите.

По заминувањето на Јирген Клоп, ретко кој веруваше дека токму Арне Слот за многумина непознат тренер, ќе успее уште во првата сезона да го врати Ливерпул на тронот на англискиот фудбал. Тоа го направи без звучни засилувања, бидејќи единствениот нов играч во тимот беше Федерико Киеза, кој, покрај големите очекувања, немаше позабележителен придонес во шампионската кампања.

Според пишувањата на англиските медиуми, клупското раководство е воодушевено од сè што Слот донесе во клубот – од фудбалската филозофија и организираноста на тимот, до односот со играчите, стручниот штаб, новинарите и навивачите. Вистинско освежување на „Енфилд“, каде ретко кој се надеваше на титула веднаш по ерата на Клоп.

И токму затоа, како што пренесуваат извори блиски до клубот, веќе се разгледува нов договор за холандскиот стратег, кој ќе му донесе значително повисока плата и поголема сигурност, со цел да се спречи интерес од други европски гиганти.

Слот моментално има договор до 2027 година и годишна плата од осум милиони евра, но во Ливерпул се решени да го наградат за шампионската сезона и да го задржат на долг рок како новото лице на успешниот „црвен“ проект.

Фото: Liverpool FC/FB

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани