Трент Александер-Арнолд е на чекор од преселба во Реал Мадрид и се очекува трансферот да биде официјализиран на почетокот на летниот преоден рок. Иако сè уште не се финализирани сите детали од договорот и англиските и шпанските медиуми веќе го третираат трансферот како завршена работа.
Шпанскиот гигант се надева дека ќе може да го користи англискиот бек уште за Светското клупско првенство, но за таа цел ќе мора да му исплати еден милион евра на Ливерпул. Во спротивно, Александер-Арнолд ќе им се приклучи како слободен играч од јули, кога му истекува актуелниот договор со клубот од „Енфилд“.
Со овој трансфер, Реал продолжува со стратегијата на паметно засилување без обештетување, по ангажманот на на Килијан Мбапе како слободен агент, сега и дефанзивецот на Ливерпул доаѓа по истата формула. Според Арсен Венгер, шеф на глобалниот фудбалски развој во ФИФА, овој тренд ќе стане сè почест во модерниот фудбал.
„Повеќе нема големи трансфери за ѕвезди. Сите врвни играчи си заминуваат на крајот од договорот. Платите се толку високи што клубовите не можат да си дозволат да плаќаат и трансфери“, изјави Венгер.
Тој истакна дека Реал одамна стапил во контакт со Александер-Арнолд.
„Големите клубови веќе две години пред истекот на договорот ги контактираат играчите и им нудат услови. Ако не успеат да постигнат договор со сегашниот клуб, се враќаат следната година. На крајот, го добиваат без надомест. Токму така го доведоа и Мбапе.“