Фудбалерот на Фламенго, Бруно Енрике (34), се најде под лупа на бразилската полиција поради сомнеж дека им овозможил на блиски роднини и пријатели да заработат пари преку обложување.
Случајот се однесува на дуелот против Сантос во ноември 2023 година, кога Енрике пред крајот на натпреварот доби жолт картон, а потоа беше и исклучен. Истражителите откриле пораки на мобилниот телефон на неговиот брат, кои укажуваат дека жолтиот картон бил договорен однапред со цел да се добие облог.
Обвинителството наскоро треба да подигне официјално обвинение, а во меѓувреме клубот Фламенго соопшти дека играчот е невин додека не се докаже спротивното. Доколку се подигне обвинение, Енрике ќе биде суспендиран сè додека трае судењето.
Ова е уште еден во серијата скандали поврзани со обложување во кои се вмешани бразилски фудбалери, а истрагата се проширува и на други случаи, вклучувајќи ги и роднини на познати репрезентативци.