Фудбалерот на Борнмут, Џастин Клајверт, смета дека заслужува да биде впишан во Гинисовата книга на рекорди, откако постигна голови во сите шест најсилни европски лиги, подвиг за кој верува дека е апсолутно уникатен во светот на фудбалот.
Холанѓанецот, син на славниот Патрик Клајверт, кој во понеделник ќе наполни 26 години, досега настапуваше во Ервевизиja, Серија А, Бундеслигата, Лига 1, Ла Лига и Премиер лигата и во сите овие елитни натпреварувања успеа да се запише во листата на стрелци.
„Мислам дека треба да бидам во Гинисовата книга на рекорди. Веројатно сум првиот играч што постигнал гол во секоја од шесте најсилни лиги – ако ја вброиме и Холандија како шеста“, изјави Клајверт.
По дебито за Ајакс на само 17 години, Клајверт го носеше дресот на Рома, Лајпциг, Ница и Валенсија, пред да се пресели во Борнмут во јуни 2023 година. Во својата прва сезона во Премиер лигата има солиден учинок oд 30 настапи, 12 голови и 6 асистенции за 2.114 минути на терен.
„Тоа што сум син на Патрик Клајверт секогаш беше мотив за мене. Сакав да докажам дека сум тука поради моите квалитети, а не само поради презимето на грбот. Луѓето се прашуваа дали сум добар или сум тука поради татко ми. Но, притисокот создава дијаманти и тогаш блескаш“, изјави Џастин.
Борнмут се наоѓа на 10. место на табелата во Премиер лигата, со само еден бод помалку од осмопласираниот Фулам и четири кола пред крај се надева на историски пласман во европските натпреварувања за првпат во историјата на клубот.
Фото: Bournemouth F.C/X