Синдикатот на професионални фудбалери (FIFPro) бара итно воведување на мерки за заштита на здравјето на фудбалерите, меѓу кои и осмонеделен одмор помеѓу сезоните. Повикот доаѓа во пресрет на новото Светско клупско првенство, вметнато во веќе пренатрупаниот календар.
Студија спроведена од 70 стручњаци идентификува 12 приоритетни стандарди за заштита на играчите. Главен предлог е играчите да добијат четири недели целосен одмор, две недели без никакви медиумски или комерцијални обврски и четири недели за физичко и ментално закрепнување.
FIFPro предупредува дека во тековниот распоред играчите немаат доволно време за опоравување. Во Франција, фудбалерите на ПСЖ ќе имаат само четири до пет недели одмор летово.
Синдикатот предлага и други мерки – задолжителна пауза од една недела во текот на сезоната, минимум еден слободен ден неделно, како и посебна заштита за младите фудбалери под 18 години. „Меѓународниот фудбал нема јасни правила – време е тоа да се промени“, порачуваат од FIFPro.