Македонскиот тим ја испушти предноста од првиот меч, Динамо Минск победи во Скопје со 1-0, а потоа фудбалерите на белорускиот тим беа подобри на пенали и се израдуваа на пласман во второто квалификациско коло од Конференциската лига.
Силекс лошо го почна натпреварот, прими гол уште во 16. минута, Малашевич даде гол за водство на Динамо Минск од 1-0. Вкупниот резултат беше израмнет.
Немаше голови во остатокот од регуларниот тек, двете екипи имаа свои шанси, но не ги искористија, мечот беше рамноправен.
Се играа две продолженија од по 15 минути, но ниту во тие не се случи нешто посериозно, па пеналите решаваа.
Во петте серии двете екипи беа максимално прецизни, но во шестата Тимовски не реализираше, фудбалерот на Силекс ја погоди пречката и тоа се покажа како клучно.
Динамо Минск продолжува понатаму, а Силекс ќе се подготвува за предизвиците од домашното првенство.