Иако Барселона пред само два дена најави враќање на Камп Ноу за традиционалниот „Гампер куп“ на 10 август, изгледа дека плановите би можеле повторно да се променат.
Имено, Градскиот совет на Барселона не дал зелено светло за одржување на натпреварот на реновираниот стадион. Причината е што, според нивните проценки, моменталната состојба на објектот не дозволува прием на најавените 60.000 гледачи. Дозволата ќе може да се издаде дури по официјалното завршување на првата фаза од реконструкцијата, а до тогаш има уште работа.
Од клубот досега неколкупати најавуваа враќање на Камп Ноу, но сите рокови беа пролонгирани. Сепак, раководството беше уверено дека новата сезона ќе ја почнат во голем стил. Сега, меѓу можните решенија се споменува и идејата Барселона да ги одигра првите три кола од Ла Лига на гости, со што би се добил дополнителен месец за довршување на сите неопходни работи на стадионот.