Струга беше на чекор да стане првата екипа која сезонава ќе остане непоразена против Шкендија, но тетовци сепак успеаја да слават со 2-1 и да ја запишат четвртата победа во новата сезона.
Шкендија од самиот почеток ја презеде иницијативата, а подобрата игра ја круниса по половина час. Нзенгуе се запиша во листата на стрелци и му донесе предност на домашниот тим.
Само шест минути подоцна Нзенгуе повторно ја затресе мрежата, но вториот погодок не беше признат поради офсајд.
Во продолжението Струга успеа да го намали притисокот и постепено да се ослободи, иако Шкендија и понатаму беше поконкретниот тим. Сепак, стружани добија пенал, а сигурен реализатор беше Христијан Малески, најдобриот стрелец на стружани од минатата сезона.
Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, на сцена стапи искусниот Бесарт Ибраими. Во 85. минута и тој беше прецизен од белата точка, носејќи ѝ ја на Шкендија четвртата победа сезонава.
Претходно денеска, Вардар убедливо го совлада Силекс со 4-1.