Шампионот е жив: Наполи го „тресна“ Интер и го презеде калчо-врвот! (ВИДЕО)

by 24 фудбал
2 минути читање

Фудбалерите на Наполи излегоа од кризата и го презеде првото место во Серија А, откако славеше со 3-1 (1-0). Иако беа во мини-криза, избраниците на Антонио Конте одиграа перфектно во големото дерби и забележаа многу важна победа.

Натпреварот на „Диего Армандо Марадона“ тргна со тактичко надмудрување на двајцата тренери, гостите нешто повеќе ја имаа топката и беа поконкретни, ама не креираа вистински шанси во воведниот дел. По половина час игра капитенот на домашните Џовани Ди Лоренцо успеа да изнуди најстрога казна. Одговорноста ја презеде Кевин Де Брујне, изведе перфектен пенал, ама веднаш се фати за бутниот мускул и се повреди. Состојбата со Белгиецот не изгледаше воопшто наивно, па го подзапре славјето во Неапол.

До полувремето апсолутна доминација имаа „нераѕурите“. Рамката од домашниот гол се тресеше во два наврати, по ударите на дефанзивците Алесандро Бастони кој погоди пречка и Дензел Дамфрис кој ја стресе стативата. Откако Наполи се одбрани во првиот дел, успеа да ги казни промашувањата и преку ланскиот најдобар играч во калчото Скот Мектоминеј успеа да ја удвои предноста (2-0) во 54. минута. Спинацола испрати долга топка преку одбраната, таа стигна до Шкотланѓанецот кој ја пушти да падне и со волеј ја испрати во спротивниот агол. Пенал доби и гостинската екипа, откако со рака играше Бонџорно. Сигурен изведувач на ударот од 11 метри беше Хакан Чалханоглу кој во 59. минута ја врати надежта кај гостите.

Сепак, Франк Замбо Ангиса беше човекот кој на Наполи му даде „простор за дишење“. Течеше 66. минута, а играчот за врска доби топка од Нерес, па одлично се снајде во шеснаесетникот и реализира за 3-1. Во продолжението Интер се обиде да се врати повторно, меѓутоа немаше сили за такво нешто. Конте во 82. минута од средбата му даде шанса и на Ељиф Елмас, па тој мина петнаесетина минути на теренот.

Наполи по осум кола има 18 бода и го презеде врвот во калчото по киксот на Милан кој е втор со 17. Третото место го делат Рома и Интер, но „волчицата“ утре му гостува на Сасуоло.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×