Селекторот на Швајцарија разочаран: Не знам како е измислено тоа правило

by Стефан
1 минути читање

Швајцарија го заврши настапот Светското првенство во четвртфиналето, откако по продолженија загуби од Аргентина со 3:1. Сепак, натпреварот остана во сенка на контроверзната судиска одлука, поради која селекторот Мурат Јакин по мечот јавно го изрази своето незадоволство, оценувајќи дека токму таа го променила текот на натпреварот и ја оштетила неговата селекција.

Клучниот момент се случи во 72. минута, кога швајцарскиот напаѓач Брел Емболо доби втор жолт, односно црвен картон. Само пет минути претходно тој учествуваше во акцијата по која Швајцарија израмни.

Главниот судија Жоао Пињеиро првично досуди прекршок над Емболо и му покажа жолт картон на аргентинскиот репрезентативец Леандро Паредес. Но, по интервенцијата од ВАР-собата, одлуката беше целосно променета. Картонот на Паредес беше поништен, а Емболо доби жолт картон поради симулирање, што за него значеше и исклучување бидејќи веќе имаше една јавна опомена.

„Судијата воопшто не требаше да му покаже жолт картон на Аргентинецот. Немаше причина за тоа, ситуацијата не беше ниту груба, ниту опасна. Потоа неговата грешка беше исправена така што ние бевме казнети. Тоа за мене е несфатливо“, изјави селекторот на Швајцарија.

Тој откри дека во тие моменти веќе подготвувал две офанзивни измени, бидејќи неговиот тим по израмнувањето ја презел иницијативата на теренот.

„Имавме моментум и сакавме да нападнеме уште поофанзивно. Тогаш следуваше црвениот картон. Не знам како воопшто е измислено такво правило“, додаде Јакин.

Швајцарскиот селектор призна дека не бил запознаен со можноста ВАР да интервенира во ваква ситуација. Според проширеното толкување на правилата, видеоасистентите можат да реагираат кога судијата дисциплински ќе санкционира погрешен фудбалер.

Во конкретниот случај било проценето дека Паредес не направил прекршок, туку дека Емболо симулирал контакт, поради што картонот практично бил „префрлен“ на швајцарскиот напаѓач.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×